Заменикот-министер за одбрана Беким Максути денеска се обрати на отворањето на НАТО-студентската симулација посветена на Македонија пред самитот на НАТО во Брисел. Студентската симулација е организирана од Евроатлантскиот совет на Македонија, а на отварањето свои обраќања имаа и претседателот на АТА Македонија, Исмет Рамадани, хрватската амбасадорка Данијела Баришиќ, координаторот за НАТО, Стево Пендаровски и шефот на Канцеларијата за врски на НАТО, морнаричкиот капетан Горазд Бартол.

Заменик-министерот Максути посочи дека изминатите неколку години Македонија се соочи со забавен евроинтеграциски процес и длабока политичка криза, но и дека земјата со изборот на Владата ја надмина оваа криза и дека во овој момент од круцијална важност е поддршката од НАТО – сојузниците за остварување на стратешките цели – членство во Алијансата и во Европската Унија.

„Во изминатата неполна година докажавме дека интеграцијата во НАТО и ЕУ е најважен приоритет на надворешната политика на Владата на Република Македонија. Владата и Министерството за одбрана се цврсто посветени на исполнувањето на стратешката цел и работиме со голема решеност за спроведување на реформските процеси, промовирање на добрососедските односи и регионална соработка, демонстрирајќи ја својата одговорност кон сопствениот народ но и кон меѓународната заедница“, рече заменик-министерот Максути.

Во однос на одбранбените реформи, Максути рече дека нивното спроведување ќе ја зајакне стабилноста и безбедноста на државата и регионот, како основен предуслов за развој. „Го рестартиравме процесот на изработка на Стратегиски одбранбен преглед и Стратегијата за одбрана. Донесовме одлука за сукцесивно зголемување на буџетот за одбрана со стапка од 0,2 процентни поени, почнувајќи од 2019 година и цврсто сме определени да го постигнеме нивото на издвојување од 2 отсто од националниот БДП за одбранбениот буџет што е во согласност со одлуките на НАТО самитот во Велс. Не ги занемаруваме потребите за унапредување на условите за работа, за што од почетокот на годината и ги зголемивме платите на воениот персонал во АРМ за 10отсто“, истакна Максути.

Заменик-министерот се осврна и на придонесот на Армијата на Република Македонија во меѓународните мировни мисии. „Како земја која се гледа како членка на Алијансата, од 1 јануари 2018 година го зголемивме придонесот во мисијата Одлучна поддршка за 20 отсто, но не застануваме тука туку ќе продолжиме да ја проценуваме секоја можност за дополнително ангажирање“, рече тој.

На политички план Максути го спомна потпишаниот договор за добрососедство со Бугарија и интензивирањето на разговорите со Грција за што рече дека Македонија е одлучна да го реши повеќедеценискиот спор. Во однос на Косово, заменикот – министер подвлече дека побезбедно и постабилно Косово значи и побезбеден регион.

„Република Македонија во многу кус период направи многу и ги придвижи евроатлантските процеси. Во пресрет на самитот на НАТО во Брисел, верувам дека постигнатото ќе биде вреднувано и дека ќе добиеме покана за членство“, рече на крајот од обраќањето заменик – министерот за одбрана Беким Максути.