Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во 2017 година ги повика сите земји членки на Алијансата да прифатат повеќе жени во своите вооружени сили и на должности во сферата на безбедноста и одбранбената политика.

-НАТО ќе се претвори во подобар сојуз, забележа Столтенберг во интервју од 2017 година. „Доколку ги сакаме најдобрите во нашата Алијанса треба да направиме така што жените ќе играат посуштинска улога, за што секоја земја членка на сојузот ја сноси својата одговорност“, рече тој.

Столтенберг подвлече дека иако 40 проценти од службениците во НАТО се жени, недоволно е присуството на жени на раководни и оперативни функции во организацијата.

„НАТО веќе не е машки свет“, додаде тој.

Генералниот секретар на НАТО потсети дека една четвртина од министрите за одбрана во Алијансата се жени и тоа го оцени како огромен чекор напред.

„Во текот на 50-те и 60-те години на минатиот век низ овие коридори можеа да се видат единствено бели мажи, кои пушеа пури. Фактот дека има се повеќе жени покажува дека промената е можна дури и во традиционално машките организации, како НАТО и вооружените сили вооошто“, дополни тој.

Иако жените во вооружените сили на земјите членки на НАТО сега се повеќе од било кога претходно, сепак, во 2015 година во нив имало не повеќе од 10,8 проценти жени. Делот на жените, учеснички во операциите на НАТО, е уште помал, или само 6,4 проценти.