За Нато

 

Организацијата на Северно-Атлантскиот Договор (НАТО) е алијанса на 29 земји од Северна Америка и Европа посветени на исполнување на целите од Северно – Атлантскиот договор потпишан во Вашингтон на 4 април 1949. Според овој договор, основната улога на НАТО е да ја штити слободата, заедничкото наследство и цивилизациските вредности на своите народи, засновано на принципите на демократијата, индивидуалната слобода и владеење на правото. Алијансата претставува трансатлантска врска која ги врзува Европа и Северна Америка во единствен одбранбен и безбедносен сојуз. За оваа цел НАТО обезбедува колективна одбрана за своите членки уште од нејзиното формирање во 1949 година. Исто така дејствува и како суштински форум за консултации по безбедносни прашања во интерес на своите членки и како суштински столб за мирот и стабилноста на Евроатлантската област.

Со крајот на Студената војна Алијансата превзеде нови фундаментални задачи вклучувајќи и градење на безбедносни партнерства со демократиите од цела Европа, преку Кавказ сe до Централна Азија. Како одговор на промените во целокупната безбедносна средина Алијансата превзеде дополнителни обврски. Тие вклучуваат осврнување како на нестабилноста предизвикана од регионалните и етнички конфликти во рамките на Европа така и на заканите кои произлегуваат надвор од Евроатлантската област.

Денеска Алијансата е ангажирана во сe поширок спектар на активности чија цел е да се промовира соработка со Русија, Украина и други земји надвор од НАТО и проактивно да се спротивстават на новите безбедносни предизвици на 21-виот век како што се оние што ги наметнуваат меѓународниот тероризам и пролиферацијата на оружје за масовно уништување. Со цел да остане ефективна во одбраната и промовирањето на безбедноста во оваа нова безбедносна средина којашто сe побрзо се менува, Алијансата е вклучена во тековната трансформација која влијае на сите аспекти на нејзината агенда со нови задачи, нови членки, нови капацитети, нови партнерства и нови начини на работење.

Основниот принцип врз кој НАТО работи е консензусот. Тоа значи дека сите одлуки мора да бидат донесени едногласно. Сите земји-членки мора да се согласат за мерките кои треба да се преземат или за работите кои треба заеднички да се усвојат. Овој принцип строго се почитува.

Главните органи на НАТО се:

–    Генерален секретар кој се избира еднаш во четири години. Актуелен генерален секретар е Јенс Столтенберг
–    Северно – Атлантскиот Совет составен од постојани претставници од секоја земја членка кој се среќава еднаш неделно и има задача да донесува одлуки.

Двата официјални јазика на НАТО се англиски и француски.

Главното седиште на Алијансата е во Брисел.

Дополнителни информации за НАТО можат да се најдат на официјалната веб страница на НАТО на www.nato.int