Колумбија следната недела и официјално ќе добие статус на „партнер од светот“ на НАТО, прва од Латинска Америка, изјави претседателот на Колумбија, Хуан Мануел Сантос.

„Следната недела во Брисел ќе се формализира, што е многу важно, влегувањето во НАТО на Колумбија во категоријата на партнери од светот. Ние ќе бидеме единствената латиноамериканска земја со таа привилегија“, рече Сантос.

Сантос, добитник на Нобеловата награда за мир во 2016 година за напорите да ја оконча полувековната граѓанска војна во својата земја, рече дека пристапувањето ќе го „подобри имиџот на Колумбија“ и „ќе ѝ овозможи да игра поважна улога на меѓународната сцена“.

Професорот по меѓународни односи Рафаел Пињерос рече дека да се биде „партнер од светот“ во НАТО значи да се биде во „стратегискиот сојуз за воена соработка“.

Според него, овој тип партнерство се создава за „да се постигнат стратегиски сојузи надвор“ од Европа, САД и Канада, со цел да се одржи светскиот мир.

Пињерос рече дека партнерството не мора да значи дека Колумбија ќе учествува во воените операции на НАТО.

Други „партнери на НАТО од светот“ се Јапонија, Јужна Кореја, Австралија, Нов Зеланд, Пакистан, Авганистан, Иран и Монголија.

Колумбија во декември 2016 го прифати договорот за „поголема“ воена соработка со НАТО во постконфликтното управување, по првиот мировен договор потпишан помеѓу владата во Богота и на Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРК).