Една година откако претседателот на САД, Доналд Трамп помпезно го отвори новото седиште на НАТО од стакло и метал вредно милијарда долари, службениците на Сојузот конечно почнаа да се вселуваат во новата зграда, оставајќи ја старата од 1960 година, која прокиснувала за време на бури.

Две децении на проектирање, изградба и дополнителни години одложувања поради технички проблеми сега се минато за западниот сојуз.

Меѓународниот персонал и 29 амбасади треба да се вселат до средината на јуни, воочи министерскиот состанок и дводневниот самит во јули, на кој се очекува и Трамп, велат официјални претставници.

Но, зад нашминканата стаклена фасада членките на НАТО се соочуваат со истите стари проблеми, вклучувајќи како да се справат со наметливата Русија и уредувањето на колективна одбрана во Европа.

До вселување требало да дојде набрзо по посетата на Трамп и другите западни лидери на 25 мај 2017 година. Трамп, поранешниот магнат на недвижности, за зградата вредна 1,45 милијарди долари рече дека е преубава, но додаде дека не прашал колку чинела.

Заменичката на генералниот секретар на НАТО, Роуз Готемола вели дека со вселувањето се доцни година дена. „Мислам дека и не е толку лошо, со оглед на големината на проектот“, изјави таа за новинарите и призна дека нејзината канцеларија во старата зграда прокиснувала во текот на последните снежни бури, пренесе Ројтерс.

Вкупно 42.000 вработени ќе работат во деловните простории со приближно иста големина како и седиштето на ОН во Њујорк. Но, поради белгиските урбанистички правила, седиштето на НАТО е високо само 32 метри.

НАТО во 1999 година одлучи дека му треба ново седиште бидејќи и постојното било замислено како привремено. Изградено е во брзање, кога Сојузот морал да го напушти Париз откако Франција се повлекла од воената команда во 1966 година.

Како потсетник дека Сојузот е формиран за време на Студената војна во новото седиште има два бетонски панели од делови на Берлинскиот ѕид.

Изложен е и дел од конструкцијата од 107 кат на една од кулите-близначки во Њујорк срушени за време на терористичкиот напад на 11 септември 2001 година, единствениот настан за кој НАТО ја активирал клаузулата за колективна одбрана.

Линк 1: https://www.youtube.com/watch?time_continue=66&v=-buSFVSUzxA

Линк 2: https://www.youtube.com/watch?v=EG2rfZtg6dY