После сите компаративни анализи што може да ги извлечеме на таа тема, не можам да видам дека постои друга организација, во некој друг регион во светот, која нуди подобри предуслови за развој на ова специфично општество во Република Македонија, вели националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Тој истакнува дека Македонија сега е поблиску до влез во Алијансата отколку пред 10 години пред самитот во Букурешт во 2008 година.

– Јас сум еден од тие славни учесници на тој неславен самит во 2008 и отприлика ја знам атмосферата која владееше внатре во македонската делегација и од аспект на човек кој тогаш беше вработен во Кабинетот на Претседателот на Македонија и беше блиску до главниот спор кој и тогаш и сега не носи или не одалечува од Алијансата. Мислам дека и внатре атмосферата е поинаква и надворешно земено, клучните фактори имаат поголеми очекувања од тоа дека може да се изроди нешто позитивно од преговарачкиот процес – вели Пендаровски во интервјуто.

На прашањето, што доколку не се затвори спорот за името и која би била во тој случај алтернативата, Пендаровски вели дека ќе продолжи да се разговара бидејќи, како што посочува, Македонија нема подобра алтернатива од интеграцијата во ЕУ и НАТО.

– Јас не гледам подобра варијанта за Република Македонија, пред сè од нејзината кохезија како општество, со оглед на хетерогеноста на населението кое живее во ова земја, со оглед на потенцијалите за економски просперитет и развој кога би биле во тие меѓународни организации кои ги споменав. Значи алтернативата е да се продолжи да се преговара. Ние преговараме од 1993 година, значи четврт век, прашањето да беше едноставно ќе беше решено уште многу одамна – истакнува Пендаровски.

Генерално, вели тој, и кога не сум бил во власта, кога сум бил во опозиција, и како професор и како граѓанин на оваа земја, навистина не можам да видам, после сите компаративни анализи што може да ги извлечеме на таа тема, не можам да видам дека постои друга организација, во некој друг регион во светот, која нуди подобри предуслови за развој на ова специфично општество во Република Македонија и особено специфичен регион, и од безбедносен аспект ако сакате, со едно прилично нестабилно опкружување години наназад.

Тој се осврнува и на реакцијата на Русија во однос на евентуално членство на Македонија во НАТО и притоа истакнува дека формулациите со кои излегува одвреме – навреме руското МНР содржат реторика која не помага да се подобрат билатералните односи меѓу двете држави.

– Една од тие изјави, сигурно ја паметите, беше дека во случај кога би влегла во НАТО, Македонија би била легитимна цел. Легитимна цел сте само кога претставувате закана за некоја држава, инаку, зошто би биле легитимна цел за Руската Федерација? Јас, и целокупното раководство тоа го тврди, и сите разумни луѓе и целокупната експертска заедница која сака реално да гледа на целиот комплекс прашања, велам дека Македонија ниту денес, кога не е членка на НАТО, ниту утре кога ќе биде членка, не е закана за Руската Федерација. Ние не сме закана за ниеден од нашите соседи и во една реченица тоа да го сумирам, ние не сакаме да влеземе во НАТО за да бидеме закана за некого надвор од нашите граници. Ние имаме цел сет причини зошто сакаме да бидеме дел од таа Алијанса и зошто сакаме да бидеме дел од ЕУ – вели Пендаровски.