Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска бил во Турција на средба со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, соопштија од кабинетот на турскиот претседател.

Состанокот бил од затворен тип и траел околу еден час. По завршувањето на средбата немаше соопштенија за тоа што било разговарано.

Во рамки на посетата на Турција Столтенберг одржа состанок со турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, и со министерот за национална безбедност, Нуретин Чаникли, а меѓу главните теми на разговор биле подготовките за претстојниот самит на НАТО во Брисел што ќе се одржи на 11 и 12 јуни.

По средбата со Мевлут Чавушоглу генералниот секретар на НАТО ја даде следната изјава:

“Турција е сојузник кој има клучна улога во рамки на Алијансата. Турција има сериозен придонес во гарантирањето на заедничката безбедност и за прашањата поврзани со борбата против терористичката група Исламска држава”.